На овогодинешната конференција Code, извршниот и главниот директор за содржина на Нетфликс, Тед Сарандос откри колку претплатници гледале најмалку две минути од најпопуларните серии и филмови во првите 28 дена од нивното појавување на платформата Нетфликс.
Прво место зазема првата сезона од серијата Bridgerton, која ја погледнале 82 милиони претплатници, а потоа следи првиот дел од серијата Lupin и првата сезона од Witcher, од кои секоја е погледната од 76 милиони претплатници.
Сепак, филмовите на Нефликс привлекуваат повеќе публика, па така филмот Extraction го погледнале 99 милиони претплатници, Bird Box има 89 милиони прегледи, а на третото место е Spencer Confidential кој го погледнале 85 милиони луѓе.
Покрај тоа, прикажани се и топ 10 филмови и серии на Нетфликс врз основа на вкупниот број часови гледани во текот на првите 28 дена од нивното појавување на платформата.
Од сериите, првото место повторно го зазема првата сезона на Bridgerton, која е гледана дури 625 милиони часови. Следува четвртиот дел од Money Heist со 619 милиони часови, а потоа третата сезона на Stranger Things со 582 милиони гледани часови.
Круната кај филмовите повторно ја презема Bird Box со 282 милиони гледани часови, второто место го освои Extraction со 231 милиони часови, а на третото место е The Irishman со 215 милиони прегледани часови.
Нетфликс ретко објавува податоци за гледаност, така што ова овозможи увид во критериумите според кои компанијата ги рангира своите најдобри филмови и серии.
„Се обидуваме да бидеме потранспарентни со пазарот, со луѓето во филмската индустрија и со сите“, изјави Тед Сарандос.