La Casa de Papel (Money Heist) стана една од омилените серии во светот и своевиден културен феномен, па разбилриво е нетрпението на фановите за лансирањето на новата, петта и последна сезона. Пред една недела беа објавени првите пет епизоди од новата сезона, со уште пет најавени за во декември.
По тој повод, стриминг-платформата Netflix се реши за една крајно бизарна промотивна активност. Имено, тие поканија 100 фанови од Италија за „специјално прикажување“ на првите пет епизоди во Мадрид. Ги качија на авион, но наместо да слетаат во Мадрид, тие беа пет часа држени во „заложништво“ во воздухот. Зошто?
Епа според Професорот (еден од омилените ликови во серијата и организатор на групата крадци), кој на патниците им се обратил преку системот за јавни соопштенија во авионот, тие биле „најдобрите фанови, но и најлошите спојлери во цела Италија“. Па, за да ги остават останатите милиони луѓе на копното на „раат“ да го изгледаат серијалот, без да им спојлираат, ги качиле во авион онолку време колку што траат петте нови епизоди, кои секако биле прикажани и во самиот авион.
Меѓутоа, од друга страна можете да ја свртите приказната дека 100-те „среќници“ добија време да ги изгледаат петте нови епизоди во воздухот без никој од копното да ги „замара“ нив додека трае серијалот. Зависи како гледате на работите :)
Оваа необична активност е дел од промотивната кампања за новата сезона на La Casa de Papel која ја реализира агенцијата Publicis Italy.