Најголемата стриминг-платформа за филмови во светот Netflix лансираше нова кампања во 27 држави низ светот, која има за цел да ја нагласи моќта на приказните – како телевизиските серии и филмови кои ги гледаме ни предизвикуваат различни емоции, ни нудат нови перспективи и нé прават да се чувствуваме поблиску едни до други.
Кампањата насловена “One story away” („Оддалечени за една приказна“) беше создадена со помош на креативната агенција AKQA и продукциската куќа Stink, со звучен дизајн од Wave Studios и музика од инди-рок бендот Manchester Orchestra. Кампањата ќе вклучува телевизиски, радио, принт, дигитални и out-of-home активности, меѓутоа медискиот микс е различен за секоја држава.
„Кога прв пат ја гледав Stranger Things, ме потсети на чувство кога бев дете, возејќи велосипед со моите најдобри пријатели и играјќи видео игри во подрумот. Гледајќи го The Irishman, јас и брат ми се инспириравме да се навратиме на наште омилени мафијашки филмови низ годините. А, плачев за Ерик од Sex Education, кој ја имаше храброста да го живее својот живот без срам и без компромиси“, изјави Ерик Палота, потпретседател за бренд во Netflix, истакнувајќи ја емоционалната важност на филмовите по повод лансирањето на новата кампања.
Палота додава дека за прв пат ја слушнал фразата “‘We’re only one story away” („Ние сме оддалечени само една приказна“) уште пред неколку години од некој колега додека минувал низ ходникот на компанијата, при што останала во неговите мисли. Компанијата започнала со работа на кампањата пред скоро една година.