Покрај серии и фимови, стриминг-платформата Netflix наскоро ќе вклучува и мобилни игри.
Откако пред некое време Netflix потврди дека ќе започна се продуцирање и стримување на видео игри кои ќе им бидат достапни на претплатниците без дополнителен трошок, сега проектот влезе во фаза на јавно тестирање.
Платформата започна да ја тестира новата функција со ограничена група на корисници од Полска, кои ќе можат да играат две мобилни игри поврзани со серијата Stranger Things, и тоа Stranger Things 1984 и Stranger Things 3: The Game (мобилни игри кои всушност се лансирани од претходно). На почетокот тие ќе бидат достапни преку Netflix само за корисници на Android, а наскоро и за оние кои користат уреди со iOS.
Кон игрите ќе може да се пристапи преку секцијата “Play Mobile Games”, при што секоја игра си добива посебна страница со кратки информации и копче за инсталација. Имено, игрите нема да бидат стримувани директно преку „клаудот“ на Netflix, туку ќе бидат инсталирани локално на уредот на корисникот. Причината за тоа е избегнување на некои ограничувања кои ги наметнуваат мобилните уреди и онлајн продавниците за апликации.
Игрите ќе можат да се инсталираат директно и преку продавниците за апликации како Play Store, но за да можат да ги играат, корисниците ќе мора да се најават со своите профили на Netflix.
Од компанијата посочуваат дека претстои уште многу работа, тестирање и средување на „бубачки“, но гарантираат дека финалниот производ нема да содржи реклами и нема да вклучува купување во рамки на самите игри.
Со цел реализација на овој проект, Netflix го ангажираше Мајк Верду, поранешен директор во Electronic Arts и Facebook, во функција на потпретседател за развој на игри.