Славејќи ја својата 25-годишнина, стриминг-платформата Netflix прави значајни напори за да го прошири својот бизнис надвор од само стриминг на играни серии и филмови, надевајќи се дека на тој начин ќе ги задржи клиентите по падот во бројот на претплатници.
Минатата година, компанијата го направи својот прв чекор во растечкиот пазар на видео игри со објавувањето на неколку мобилни игри, првично наменети за корисниците на Android. Две од тие игри беа базирани врз нивната популарна филмска серија Stranger Things.
Сега, со цел да го зголеми својот оддел за игри, компанијата објави дека ќе гради сопствено студио за развој на видео игри во Хелсинки, Финска. Според компанијата, таа го избрала Хелсинки бидејќи е дом на „некои од најдобрите таленти за видео игри во светот“.
Студиото ќе биде предводено од Марко Ластика, ветеран во индустријата кој потекнува од гејмерските компании Zynga и Electronic Arts. Оваа нова гранка на Netflix, заедно со претходно стекнатите Next Games, Night Studio School и Boss Fight Entertainment, ќе се фокусира на различни области за да создаде игри кои ќе одговараат на различните вкусови на клиентите.
„Ова е уште еден чекор во нашата визија да изградиме студио за игри од светска класа, кое ќе донесе разновидни прекрасни и длабоко привлечни оригинални игри – без реклами и без купувања во апликација – на нашите стотици милиони членови ширум светот“ – посочува Амир Рахими, потпретседател на Game Studios во Netflix.
Се разбира, развојот на видео игри може да потрае неколку години, па фановите ќе треба да почекаат некое време пред да го добијат првото издание од новото студио.