Стриминг сервисот Netflix преминува во физичката сфера на малопродажбата со претставувањето на Netflix House („Куќата на Нетфликс“). Концептот има за цел да им понуди на фановите уникатно потрошувачко искуство со Нетфликс тематика.
Првенствено, овие продавници ќе бидат наменети за обожавателите на оригиналните филмови и серии на Нетфликс кои сакаат да купуваат „мерч“. Без разлика дали сте обожавател на Stranger Things, The Witcher или која било друга хит серија, Куќата на Нетфликс ќе биде место за производи инспирирани од популарните кинематографски остварување на стриминг платформата.
Но, Куќите на Нетфликс нема да бидат сведени само на купување мерч. Продавниците исто така ќе обезбедат курирани настани во живо и кулинарски искуства дизајнирани да ги внесат посетителите во световите на нивните омилени серии.
Се претпоставува дека на локациите ќе има ротирачки уметнички инсталации и изведби во живо посветени на иконични моменти од сериите на Нетфликс. Исто така е навестено дека на првите локации ќе има и играчници со пречки инспирирани од хит серијата Squid Game.
„Куќата на Нетфликс“ најверојатно ќе вклучува и ресторан во кој ќе се служат јадења и пијалоци прикажани во кулинарските емисии што може да се гледаат преку платформата.
Концептот е сѐ уште во фаза на развој, па деталите за тоа што точно ќе биде вклучено во физичките локации на Нетфликс останува тема на шпекулација. Првите две локации се очекува да бидат отворени во Соединетите Американски Држави во 2025 година, со планови за глобално проширување во иднина.