Најпопуларната стриминг платформа во светот Netflix соопшти дека за прв пат по една деценија почнале да губат претплатници.
Во својот извештај за деловните резултати во првиот квартал на 2022 година, Netflix посочи дека платформата изгубила 200,000 претплатници ширум светот. Компанијата предвидува дека тој тренд ќе продолжи и во вториот квартал, очекувајќи дека дури 2 милиони претплатници може да ја напуштат платформата.
Резултатите се сосем спротивно од она што го очекуваат експертите, кои предвидуваа дека бројот на претплатници на Netflix всушност ќе се зголеми за 2,5 милиони нови луѓи. Па така, сосем очекувано, акциите на Netflix паднаа за скоро 20% штом беа соопштени негативните резултати за првиот квартал.
Објаснувајќи им на акционерите што се случува, Netflix посочи дека еден од најголемите проблеми е феноменот на споделување профили т.е. лозинки на профили, поради што бројот на активни корисници кои плаќаат претплата е помал од бројот на луѓе кои всушност ги гледаат содржините на платформата.
Компанијата истакна дека има план да ги подобри „сите аспекти“ на својата понуда, ставајќи акцент на „квалитетот на програмата и предлозите“. Борбата против споделувањето на профили ќе продолжи, при што Netflix размислува и за проширување на своите планови за претплата со цел да ја направи платформата подостапна и за оние со помала финансиска моќ, воведувајќи поефтина варијанта на која ќе се прикажуваат реклами.