Стриминг платформата Netflix во средата соопшти дека го укинува „основното“ ниво на претплата без реклами на пазарите во САД и Обединетото Кралство, откако истото го стори во Канада минатиот месец.
Одлуката доаѓа во контекст на низа промени направени од компанијата во текот на минатата година, вклучувајќи го воведувањето на претплатнички нивоа поддржани од реклами, зголемувањето на цените на претплата и спречување на споделувањето лозинки помеѓу различни уреди и корисници.
Таканареченото „основно“ ниво на претплата им овозможуваше на корисниците пристап до Netflix без реклами на еден уред со квалитет од 720p, по месечна цена од 9,99 долари во САД и 6,99 фунти во Обединетото Кралство. Компанијата на својата веб-страница појасни дека постоечките корисници на планот ќе можат да го продолжат договорот, но дека новите корисници нема да ја имаат опцијата за избор на „основната“ претлата.
Тоа значи дека сите нови претплатници на пазарите во САД и Обединетото Кралство ќе бидат принудени или да изберат план поддржан од реклами со помалку достапни содржини или една од двете поскапи опции без реклами со најмногу четири поддржани уреди.
Промената би можела да има значително влијание врз рекламниот бизнис на Netflix и да доведе до зголемување на нивниот удел во огласувачкиот пазар. Односно, се чини дека Netflix дошле до заклучок дека рекламите носат повеќе приходи отколку претплатите под одредени цени.
Ваквиот начин на размислување се наметнува како резултат на одредени истражувања за гледачките навики на публиката, кои сугерираат дека потрошувачите сѐ повеќе се отворени за прифаќање на поевтини стриминг планови поддржани од реклами.
Според некои шпекулации, уште еден фактор во одлуката на Netflix може да биде тековниот штрајк на сценаристите и актерите во Холивуд, ставајќи дополнителен притисок врз продукциските студија, телевизиските мрежи и платформите за стриминг.