Светската метропола Њујорк одлучи после 46 години да го промени своето иконично лого “I ♥ NY”, трансформирајќи го во “We ♥ NYC” со цел подобро да го одразува колективниот идентитет на градот.
Новиот бренд идентитет беше претставен вчера на прес-конференција организирана од гувернерката Кети Хочул и градоначалникот Ерик Адамс на плоштадот Тајмс Сквер и со изведба на Ана Узеле која ја игра главната улога во претстојното шоу на Бродвеј – “New York, New York”.
Според објавеното соопштение за јавноста, новото лого треба да застапува: „заедница водена од „ние“ наместо „јас“, која што исто така е разновидна, универзална и инклузивна, привлечна за сите возрасни и етнички групи“.
Новиот бренд идентитет ќе биде промовиран и преку телевизиски спот кој што дополнително ја нагласува разновидноста на градот преку гласовите на неговите жители. Во спотот, жителите на Њујорк од различни потекла и со различни акценти објаснуваат што точно им се допаѓа во врска со него, притоа користејќи ја заменката „ние“.
Кампањата истовремено ќе вклучува принт реклами во печатените медиуми New York Times, Wall Street Journal, The New Yorker и New York Magazine. Истовремено, дигиталните билборди на плоштадот Тајмс Сквер се веќе „осветлени“ со новиот идентитет на градот.
Кампањата се спроведува со помош на независната креативната агенција Founders, консултантската компанија MaryamB и медиската агенција Grain Group.
Сега веќе старото лого “I ♥ NY” беше дизајнирано од графичкиот дизајнер Милтон Глејзер во 1977 година.