Брендот за спортска и авантуристичка облека The North Face прави триумфално враќање од улиците во планините со нивната нова кампања насловена “We Always Have Your Back” („Ние секогаш го чуваме вашиот грб“).
Централниот спот на кампањата се движи „од долу кон горе“, односно од нивото на градските улици до врвот на карпеста планина покриена со снег, притоа прикажувајќи различни луѓе кои носат јакни од The North Face. Брендот потсетува дека без разлика на условите, градски или планински, тие се секогаш тука за да им обезбедат соодветна облека и опрема на своите фанови – во која тие ќе се чувствуваат удобно и безбедно да го истражуваат светот околу нив.
Идејата за кампањата произлегла од фактот што логото на брендот е секогаш присутно на задната, горна десна страна на нивните јакни. Па така, The North Face секогаш го чува вашиот грб – како што вели на крајот од спотот нараторот Алекс Хонолд, инаку познат американски качувач на карпи кој се стекна со популарност изведувајќи неверојатни качувачки подвизи.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција B-Reel.