Брендот за спортска опрема Nike се здружи со платформата за женски приказни Rebel Girls („Бунтовни девојки“) со цел да ги слави женските фудбалерки и да ги инспирира младите девојчиња во пресрет на Европското фудбалско првенство во женска конкуренција, кое се игра од 6. до 31. јули 2022 во Англија, а чиј официјален спонзор е токму Nike.
Фокусирани на жените спортистки, тренери и лидери на заедницата, двата бренда ќе ги истакнуваат приказните на жените фудбалерки и тренери од целиот свет за да ги инспирираат младите девојки и да ја прослават радоста на спортот.
Rebel Girls создадоа и продуцираа оригинални приказни и илустрации за спортистките на Nike. Дигиталните приказни ќе бидат достапни преку комуникациските канали на Nike, вклучително онлајн, на апликацијата Nike и на социјалните мрежи, со седум аудио приказни достапни преку апликацијата и веб-страницата на Rebel Girls.
Дополнително, во соработка со Nike, Rebel Girls ќе продуцира книга во ограничено издание насловена „Бунтовни девојки: Фудбалерки кои ја менуваат играта, 12 возбудливи приказни за женски спортистки“. Nike ќе дистрибуира 20.000 бесплатни примероци од книгата на деца во малопродажните салони на Nike и партнерските продавници низ поширокото подрачје на Лондон и во различни училишта низ Обединетото Кралство.
„Жените во оваа книга се инспирација бидејќи поставуваат нови стандарди на изведба и ги кршат бариерите за да создадат еднаков терен за игра. Не само што ги инспирираат младите и старите со нивната способност, страст и тимски дух, туку се искрено посветени да направат разлика за следната генерација фудбалерки“, рече Ким ван Дијк, потпретседателка на Nike EMEA Kids.
Nike дополнително ќе изработи постери од спортистките со оригинални илустрации на Rebel Girls во нивните локални региони.