Со цел да одржи чекор со времето и новите навики на младите, брендот за спортска опрема Nike ја лансираше својата прва кампања која има за цел да изгради мост помеѓу вежбањето и е-спортовите.
Со помош на агенцијата Wieden+Kennedy Shanghai, Nike ја лансираше кампањата “Camp Next Level“ која ги таргетира професионалните гејмери, охрабрувајќи ги да ја одржуваат својата физичка и ментална форма преку вежбање, со цел потоа да бидат поспремни и поиздржливи во нивните долги е-спорт сесии.
„Гејмерите се неверојатно компетитивни. Тие знаат да посветат 16 часа на ден, шест дена во неделата – што може да има огромно негативно влијание врз нивното тело. Ние веруваме дека зацврстувањето на нивните тело и ум ќе им помогне во издигнувањето на нивното гејмерско искуство на следното ниво“, истакнува Џеф Фенг, креативен директор во W+K Shanghai.
За заштитни лица на новата кампања, Nike ги ангажираше гејмерските ѕвезди UZI и NXT, кои ја играат улогата на тренери кои ги водат играчите низ интензивниот гејмерски тренинг камп на Nike.