Откако забележа успех со купувањето на студиото за дигитален дизајн Rtfkt, брендот за спортска опрема Nike ја лансира својата самостојна Web3 платформа за да им даде дом на своите виртуелни креации и дигитална заедница.
Платформата наречена .SWOOSH, достапна преку домејнот swoosh.nike, има за цел да обезбеди „безбеден и доверлив простор“ во кој фановите на Nike можат да учат и собираат интерактивни дигитални објекти, вклучувајќи обувки или облека, кои потоа можат да ги носат во дигитални игри и искуства.
Според брендот, членовите на заедницата ќе добијат и посебен пристап до физички производи или настани од реалниот живот, како што се „интимни разговори со спортисти или дизајнери“.
Гигантот за спортска облека планира да ја објави својата прва дигитална колекција, инспирирана од корисниците на платформата, веќе наредната година. По лансирањето, членовите ќе добијат шанса да влезат во предизвик, при што победникот ќе добие можност да ко-креира виртуелни производи со Nike.
Ова без сомнение ќе биде поттик за дигиталните уметници и креаторите на незаменливи токени (NFT) да се приклучат на платформата, имајќи предвид дека компанијата потврди дека победниците ќе заработат хонорар од дигиталните токени во чие што создавање тие ќе учестуваат.
Од Nike се надеваат дека нивниот нов потфат во виртуелната сфера ќе послужи за проширување на дефиницијата за спортот и во исто време ќе го демократизира искуството на Web3, така што „секој ќе може да собира, креира и поседува дел од овој нов дигитален свет“.
Регистрациите за бета-верзијата на новата платформа .SWOOSH ќе бидат отворени на 18 ноември 2022.