Брендот за спортска опрема Nike наскоро може да се соочи со недостиг на патики, поради зголемувањето на бројот на случаи на Ковид-19 во Виетнам.
Веста доаѓа откако две од компаниите-снабдувачи на Nike во Виетнам – Chang Shin Vietnam Co и Pou Chen Corp, неодамна го сопреле производството во три фабрики поради растот на ковид-случаи во регионот.
Ова може да претставува навистина голем проблем за глобалниот бренд, имајќи во предвид дека во минатата година, 50% од обувките на Nike биле произведени во Виетнам.
„Здравјето и безбедноста на нашите тимови, како и на нашите снабдувачи, остануваат врвен приоритет. Ние продолжуваме да соработуваме со нашите снабдувачи за да ги поддржиме нивните напори во реакцијата кон динамичната и непредвидлива природа на Ковид-19“, изјавил претставник на Nike за американската телевизија CNBC.
Ова наришување во производството може да го погоди Nike токму на стартот на новата учебна година, кога голем број од учениците купуваат нови патики. Иако брендот веројатно има залихи за есента, недостигот може да се покаже проблематичен во пресрет на празничната сезона на крајот од година.
За време на конференциски повик минатиот месец, генералниот финансиски директор на Nike, Мет Френд, истакнал дека компанијата предвидела одолговлекување во набавките и пораст на логистичките трошоци за следната 2022 година.