За многу луѓе, Коби Брајант беше повеќе од обичен кошаркар. Тој беше татко, икона, пријател, член на заедницата и легенда. Тој ја трансцендентираше сферата на спортот, а неговата прерана смрт ги остави потиштени оние кои го знаеа и оние врз чии животи тој влијаеше.
На денот на неговиот погреб, брендот за спортска опрема Nike, инаку долгогодишен партнер на Брајант, и агенцијата Wieden+Kennedy одадоа последна почит на „Црната Мамба“ преку едноставно, но емотивно видео.
Се работи за двоминутен спот насловен „Mamba Forever“ („Мамба Засекогаш“) кој се состои само од црна позадина и краток бел текст на десната страна. Текстот се менува како што слушаме аудио од животот и кариерата на Брајант, при што само зборот „Forever“ останува непроменет, а остатокот се адаптира во согласност со нарацијата.
Во видеото слушаме за средношколските денови на Брајант во Филаделфија, дводецениската кариера и титулите во НБА, неговите MVP награди, кошаркарски рекорди, како и за неговата улога на татко и сопруг. На крајот видеото завршува со текстот „Mamba Forever“, при што зборот „Mamba“ е обоен во жолтата боја на неговиот тим Лос Анџелес Лејкерс.
„Mamba Forever оддава почит на сакан член на нашето семејство – Коби Брајант. Како еден од најголемите спортисти на својата генерација, Брајант имаше неизмерлив импакт врз светот на спортот и кошаркарската заедница,“ истакнаа од Nike по повод објавувањето на спотот.