Со цел одбележување на својот 50-ти роденден, брендот за спортска опрема Nike го ангажираше искусниот американски режисер Спајк Ли за да го режира и да глуми заедно со младата актерка Индиго Хабард-Салк во новиот рекламен спот “Think you’ve seen it all?” („Мислите дека сте виделе сé?“).
Во спотот гледаме како режисерот и актерката играат шах во некој парк во Бруклин, Њујорк, кога Спајк Ли почнува за раскажува за големите спортисти и спортски моменти кои ги посведочил низ годините – Тајгер Вудс, Мајкл Џордан, Коби Брајант, Роналдињо, Кристијано Роналдо итн.
Хабард-Салк внимателно го слуша искусниот режисер, но потоа го искористува моментот за да го потсети на фантастичните млади спортисти кои се појавиле оттогаш, како кошаркарот Џа Морант и тенисерката Наоми Осака.
„Слушај стари, без непочитување, знам дека мислиш дека си видел сé, но сè уште не си видел ништо. Шах мат!“ – порачува на крај младата Хабард-Салк, по што на екранот се појавува слоганот на Nike: “Just Do It!”