Тимот на Лос Анџелес Лејкерс се новите шампиони на кошаркарската NBA лига, а спортскиот бренд Nike не губеше време во објавувањето на емотивна реклама која ја прославува нивната титула.
Веднаш по завршувањето на шестиот и последен меч од финалната серија помеѓу ЛА Лејкерс и Мајами Хит, Nike го објави спотот насловен “You Can’t Stop LA” („Не можете да го запрете ЛА“).
Во должина од една минута, спотот ги истакнува подемите и падовите кои тимот и градот ги доживеале во текот на годината, повторувајќи ги зборовите “we won” („победивме“) и “we lost” (изгубивме).
Рекламата не се фокусира само на кошарката, туку и на настаните надвор од терените – пандемијата, расната нееднаковост, како и несреќната смрт на кошаркарската и клупска легенда Коби Брајант.
На крајот, нараторот на рекламата истакнува: „Бидејќи изгубивме толку многу, оваа победа значу толку многу повеќе.“
Во фокусот на рекламата секако се и кошаркарските ѕвезди на Лејкерси, ЛеБрон Џејмс и Ентони Дејвис, кои исто така се и заштитни лица на брендот Nike.