За прв пат по 27 години, американскиот бренд на спортска опрема Nike емитуваше реклама за време на синоќешното одигрување на финалниот натпревар во американската фудбалска лига и воедно најгледан спортски настан во државата, познат како Супер боул.
Nike реши да ја искористи својата едноминутна платформа за да ги поддржи жените во спортот, испраќајќи порака за истрајност во очи на сите предизвици. „Има една гаранција во спортот. Ќе ви биде кажано дека не можете да успеете. Затоа направете го тоа во секој случај. Не можете да победите. Затоа победете“ – порачуваат од Nike.
Во монохромниот видеоспот се појавуваат кошаркарките Кетлин Кларк, Аја Вилсон, Сабрина Јонеску и ЏуЏу Воткинс, гимнастичарката Џордан Чајлс, тенисерката Арина Сабаленка, атлетичарката Ша’Кари Ричардсон и фудбалерката Софија Смит. Краткиот филм е проследен со нарација од раперката Doechii.
Рекламата е создадена во соработка со креативната агенција Wieden+Kennedy Portland и австралиската режисерка Ким Гериг.