Американскиот бренд за спортска опрема Nike започнува со реорганизација на својот оддел за маркетинг во обид да ја подобри својата позиција на пазарот, да ги зголеми продажбите и да ја врати креативната предност по која долго време беше препознатлив – пренесува адвертајзинг магазинот AdWeek.
Според најавите, Nike планира да го одвоие дизајнот и раскажувањето приказни во засебни одделенија. Досега тие беа обединети во едно одделение, при што дизајнот имаше големо влијание во продукцијата на огласувачки содржини. Со нивното разделување, раскажувањето приказни преку реклами повторно ќе влезе во фокусот на брендот.
Другиот голем чекор што го направи компанијата во оваа насока беше назначувањето на Енрико Балери, инаку еден од маркетинг ветераните на компанијата, за потпретседател и креативен директор.
Во обид да ја зајакне својата позиција на пазарот, Nike направи и други клучни промени во реководниот тим. Во јули, компанијата повторно го ангажираше Том Педи, кој претходно се пензионираше во 2020 година по повеќе од три децении во компанијата. Кон крајот на 2023 година, раководителот на одделот за дизајн, Џон Хок, беше унапреден во генерален директор за иновации, додека пак Мартин Лоти го презеде водството со дизајнерскиот тим.
Компанијата неодамна се соочи со излевање на таленти и човечки персонал од својот сектор за маркетинг, но се надева дека најавената реорганизација ќе успее да го сопре и врати наназад таквиот процес.