Маркетинг365 неофицијално дознава дека меѓународната истражувачка агенција Нилсен (AGB Nielsen) ќе биде компанијата која и понатаму ќе ја има улогата на “официјален“ мерач на рејтинзите на ТВ програмите откако “Комитетот за мерење на публиката во Р.Македонија“ кој го сочинуваат претставници од телевизиите и маркетинг агенциите одлучил дека во најдобар интерес е да се продолжи да се соработува со истата компанија, иако, АААВМУ пред 1 година јавно го раскина договорот поради како што тогаш рекоа “нетранспарентност во работата по однос на некои прашања околу панелите и методологијата“ и покрена постапка за избор на нова Агенција за мерење.
За финализација на оваа одлука сега се чека само потпис и ова и официјално ќе биде соопштено деновиве откако ќе измине законскиот рок предвиден за расправа на најновите промени во Упатството за начинот на мерење на гледаност и слушаноста на програмите.
Во финалната фаза при изборот на компанија за електронско мерење на ТВ програмите влегоа уште 2 други познати светски компании, но високата цена за користење на системот (на една од понудите) и пред се предолгиот временски период за поставување на пиплметрите (во двете понуди) беа аргументи кои беа нивен минус во споредба со понудата на Nielsen.
Се чини дека токму тоа што Nielsen има развиена мрежа на пиплметри и може веднаш да одговори на потребите на агенциите т.е. огласувачите за испорачување на рејтинзи на ТВ програмите е еден од најважните фактори при изборот, бидејќи ако се пристапеше кон избор на друга агенција постоеше опасност за создавање на вакум-период од неколку месеци додека се постават пиплметри и почнат да се добиваат податоци за гледаноста.
Исто така, планирано е да има измена и во начинот на продажба на податоци од агенцијата за мерење на гледаноста, однсно нејзини примарни купувачи ќе бидат Телевизиите кои потоа преку Комитетот ќе ги продаваат на оние што се заинтересирани, но сето ова ќе биде дополнително дефинирано во посебен правилник со кој ќе се определува надоместокот за користењето на податоците од сите заинтересирани страни.
Советот на АААВМУ на својата 34-та седница одржана на почетокот од месецов исто така донесе и Нацрт-Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на мерење на гледаност и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија. Со предложените измени ќе се овозможи предмет на вакво мерење да бидат и други телевизиски станици кои ќе покажат интерес, ќе се избрише од текстот на Упатството формирањето на Асоцијацијата на огласувачи во Република Македонија, договорот со избраната агенција ќе се зголеми од 5 на 7 години и ќе се утврди начинот на којшто ќе се пресметува надоместокот кој ќе го плаќаат членовите на Комитетот и трети заинтересирани страни.
Текстот на Нацрт-Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на мерење на гледаност и слушаноста на програмите е ставен на јавна расправа, со траење од 30 дена а сите заинтересирани страни се поканети да учествуваат во јавната расправа која завршува на 07 декември 2015 година, со испраќање на своите мислења и ставови на m.dovleva@avmu.mk .