Градот Њујорк го забрани рекламирањето на алкохол на градските објекти и имот, наведувајќи дека претераното конзумирање на алкохол претставува ризик по здравјето.
Забраната која стапува на сила веднаш се однесува на автобуските постојки, киосците, пунктовите на безжичен интернет и киосците за рециклирање, но не и на локации каде што се продава алкохол, како што се ресторани, стадиони и концертни сали. Постојните реклами на алкохолни пијалаци ќе можат да останат до истекот на договорите.
Оваа одлука претходно ја донесоа и Филаделфија, Сан Франциско и Лос Анџелес.
“Одлуката за забрана на рекламирање алкохол на градски имот ја потврдува нашата посветеност на здравјето и решеноста да ја заштитиме благосостојбата на сите жители на Њујорк”, рече градоначалникот Бил де Бласио.
Градските водачи наведуваат дека студијата покажува дека изложеноста на реклами за алкохол може да ги охрабри луѓето да пијат повеќе, а забележани се и значително повеќе смртни случаи предизвикани од алкохол. Речиси 2.000 жители на Њујорк починаа во 2016 година поради причини поврзани со алкохол, како што се заболување на црниот дроб или возење под дејство на алкохол.