Во првото тромесечје на 2016 година, НЛБ Тутунска банка работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2016 година, прилагодувајќи го тековното работење на економските и пазарните услови во земјата, се вели во коментарот на неверидираниот неконсолидиран биланс на успех на НЛБ Тутунска банка АД Скопје за периодот 1.1. – 31.3.2016 година.
Нето каматните приходи се повисоки за 18,2% споредено со истиот период од претходната година. Приходите од камати се повисоки за 5,9% како резултат на зголемената продажба на кредити на население и на приватни претпријатија споредено со првиот квaртал од 2015 година при значително намалени каматни стапки во однос на минатата година, како и поради повисока состојба на пласирани слободни средства во благајнички записи. Расходите по камати се пониски за 21,1% како резултат на пониските каматни стапки на депозитите и пониска состојба на обврските по кредити.
Нето приходите од провизии се зголемени за 4%. Приходите од провизии се зголемени за 9,3% поради повисоки остварени приходи од реализиран платен промет во земјата и со странство, поради повисоки приходи од услуги во електронското банкарство, од лично банкарство, од зголемен промет и број на трансакции со картички и на ПОС терминалите на Банката и поради зголемен број на иматели на сметки во Банката.
Расходите за провизии се повисоки за 24,0%, главно поради повисоки расходи од картично работење (зголемен број на картички и нивно користење), повисоки трошоци за домашен платен промет и повисоки расходи по провизии за кредитни посредници.
Останатите некаматни приходи изнесуваат 51.188 илјади МКД и се пониски за 42,6% во однос на претходната година.
Вкупните приходи од работење изнесуваат 960.857 илјади МКД и се повисоки за 8,5%.
Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 417.894 илјади МКД и се повисоки за 2,8%.
Во првото тримесечје од 2016 година беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства, на нето основа во износ од 111.310 илјади МКД. Издвоените исправки соодветствуваат на движењето структурата и на квалитетот на пласманите на Банката.
Нето добивката на Банката заклучно со 31.3.2016 година изнесува 361.690 илјади МКД и е повисока за 56,8% во однос на истиот период од 2015 година.