Финскиот бренд Nokia повеќе не сака да биде перцепиран како некогашен гигант во производството на мобилни телефони, туку како „пионер на дигиталната трансформација“. Компанијата се надева дека ќе го постигне тоа преку темелно ребрендирање на својот визуелен идентитет, за прв пат после 1978 година!
Напуштајќи го иконичното сино лого, технолошкиот гигант го претстави својот освежен визуелен идентитет во пресрет на светскиот технолошки саем MWC Barcelona, кој ќе се одржува во шпанскиот град од 27 февруари до 2 март 2023 година. Од компанијата објаснуваат дека новиот амблем е „изграден“ врз наследството на неговиот претходник, но имајќи ја предвид новата помодерна и дигитална визија за иднината на брендот.
„Новото лого на компанијата е симбол на енергизирана, динамична и модерна Nokia, илустрирајќи ги нејзините вредности и цел. Дизајниран е како симбол на соработка“ – се објаснува во соопштението на компанијата.
Но, од Nokia истакнуваат дека ребрендирањето нема да застане само со надворешниот имиџ на компанијата, туку ќе ја одразува темелната промена на нивната деловна стратегија, која што отсега натаму ќе опфаќа многу повеќе сфери на технолошки напредок.
„Ја обновуваме нашата стратегија, а како клучен овозможувач го освежуваме и нашиот бренд за да нѐ отсликува кои сме денес: лидери во бизнис-технолошките иновации – пионери на иднината каде што мрежите се среќаваат со клаудот“ – заклучува извршниот директор на Nokia, Пека Лундмарк.