Американскиот автомобилски бренд Ford лансираше нова кампања за европскиот пазар со цел промоција на својот нов камионет од типот Ranger.
Кампањата насловена “Night Swiming” („Ноќно пливање“) ги истакнува „водоземните“ способности на камионетот, односно неговата можност да вози без проблем и во водна површина до 80 сантиметри од својата висина.
Меѓутоа, она што ја издвојува оваа кампања од сите останати за слични возила е тоа што таа не „продава“ високо-адреналински и акционо-авантуристички „филм“ на возење низ тежок оф-роуд терен, туку пренесува чувство на смиреност и елеганција.
Централниот спот на кампањата ги руши сите стереотипи кога е во прашање рекламирањето на камионети. Тој отпочнува со сцена под езерска вода во која неколку луѓе елегантно си пливаат под превезот на ноќта и светлата на нивните камионети. Целиот амбиент е етеричен, помалку фантастичен и надреален, како подводен балет со меурчиња кои блескаат. Дури на самиот крај од спотот, штом луѓето излезат од вода и се качат во камионетите, ги гледаме водоземните способности на возилото.
Покрај спотот кој ќе оди на телевизија и на интернет, кампањата ќе вклучува и други активности на социјалните мрежи, како и дигитални и билборд out-of-home реклами.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција AMV BBDO и продукциската куќа Smuggler.