„Alexandria Cuvée“, еден од најпрепознатливите вински брендови во Македонија и регионот, неодамна доби ново име и нов изглед. Новиот лик на „Alexandria Cuvée“ вклучува целосен редизајн на етикетата и амбалажата, што го истакнува премиум квалитетот на виното и дава современ изглед на овие вина. Исклучително високиот квалитет на вината дополнително се нагласува со воведувањето на новото адаптирано име – „Alexandria Premium Cuvée“.
Стилизираниот штит кој е дел од новата етикета сега повеќе потсетува на сонце, како одраз на нашиот идентитет, поднебје и асоцијација за нашата земја. Новата амбалажа е со намалена тежина на шишето со цел заштита од климатските промени. Имено, преку употребата на полесни шишиња „Тиквеш“ ја потврдува стратешката определба за намалување на својот јаглероден отпечаток и придонес кон борбата против климатските промени, како дел од континуираните напори за поставување ЕСГ-стандарди и практики.
„Ова е eдно од најпродаваните вина од портфолиото на Винарската визба ,,Тиквеш’’ и еден од нашите најетаблирани и најпрепознатливи брендови. Грижата за еден таков исклучителен бренд вклучува и негово осовременување и освежување. Секојдневно следејќи ги барањата на нашите консументи, оценивме дека сега е вистинскиот момент за модернизација и прилагодување на новите трендови. Вака добиваме помодерен, уште попривлечен бренд кој ќе ги освои и новите потрошувачи. Сигурни сме дека тоа дополнително ќе донесе нов потенцијал на домашниот и на странските пазари“, велат од ВВ „Тиквеш“ и најавуваат дополнителни новитети и изненадувања за љубителите на виното во годината кога винарницата одбележува 140 години од своето основање.
Најдобар показател за високиот квалитет и реноме на овие вина се и најновите високи оценки добиени на годинешниот светски вински натпревар „Декантер“ (Decanter World Wine Awards 2025) – еден од најголемите и најпрестижните вински натпревари во светот – каде „Alexandria Premium Cuvée“ црвено, од бербата 2023, освои високи 92 поени, а „Alexandria Premium Cuvée“ бело, од бербата 2024, 90 поени. Овие вина традиционално освојуваат високи признанија на овој и на останатите познати светски натпревари, на кои до сега се наградени со преку 100 награди.
Новата визија на брендот е одржување на „Легендата за совршената купажа – КУВЕ“, која ја негуваат енолозите во „Тиквеш“. Со својата елеганција и извонреден баланс, овие вина се создадени за оние кои ја ценат уметноста на совршено комбинирање на различни сорти за да се создаде уникатно вино кое ги освои срцата во целиот регион.
Вината од оваа линија, „Alexandria Premium Cuvée“ црвено, розе и бело, се препознатливи по својот префинет вкус и по спојувањето со разновидни комбинации на медитеранската и континенталната храна.
Винарската визба „Тиквеш“, одбележувајќи ја 140-годишната традиција, продолжува да ги имплементира плановите за понатамошен развој. Со постојаното воведување на иновации во своето портфолио „Тиквеш“ ги зајакнува позициите на домашниот и на странските пазари и ја унапредува конкурентноста на македонското вино во светот. Како најголема домашна винарница, „Тиквеш“ извезува над 65 % од своите вина на странски пазари, а вината од премиум сегментот се меѓу најнаградуваните во конкуренција на вина од целиот свет.