Културното здружение Миксер од Белград (Србија) со поддршка на производителот на мебел NUNC од Славонија (Хрватска) започнува специјално издание на конкурсот на регионалната платформа за Mлади балкански дизајнери, отворајќи единствена можност да се приклучат на NUNC во нивната мисија за реинтерпретација на богатата традиција и култура на регионот во иновативни и препознатливи производи на современ дизајн.
NUNC (што значи: сега) влезе на светската дизајнерска сцена во 2019 година на Саемот за мебел во Келн и оттогаш расте и ги освојува меѓународните пазари. Духовит и освежувачки пристап кон дизајнот на секојдневните предмети доаѓа од соработката со нови дизајнери од целиот регион, од кои многумина дебитираа на регионалната и меѓународната сцена токму преку платформата „Млади балкански дизајнери“.
Меѓународното жири ќе ги избере најинспиративните дела кои ќе бидат претставени на изложбата „YBD for NUNC“ на Шумарскиот факултет за време на Меѓународниот саем за мебел во Белград, каде тимот за развој на производи на NUNC ќе избере проекти кои компанијата ќе ги развие во вистински производи и потоа ќе ги изложи пред светската публика на познатиот Меѓународен саем за мебел во Милано.
Од организацијата упатуваат покана до младите дизајнери да истражуваат нови функции на мебелот и просторот за области кои се преклопуваат помеѓу секојдневните светови: домот, работата, училиштето, јавните простори, забавата, интимните и заедничките зони, урбаните и руралните средини и статичните и подвижните искуства. Пријавените проекти треба да можат да им понудат на своите корисници повеќе функции и искуства, да поддржуваат различни животни сценарија, хибридни и номадски работни модели, да овозможат лесно создавање на „трети простори“, да го трансформираат секое место во соба за игри или неформално образование и многу повеќе. Ги охрабруваме младите дизајнери да смислат нови или да ги преиспитаат нивните постоечки дизајнерски идеи, гледајќи ги вкрстено-функционалните, хибридни функции на парчињата мебел, модуларните системи или други услужни објекти, од перспектива на различни корисници (возрасни, деца, различен пол, стари лица, лица со попреченост итн.), различни временски сценарија (ноќ, ден, сезонски итн.), наизменично опкружување и социјален контекст (на отворено, затворено, приватно, јавно) итн.
Жирито високо ќе ги вреднува иновативните карактеристики на проектот кои го подобруваат квалитетот на секојдневниот живот; способноста да одговорат на потребите на различни корисници; мултифункционалноста; потенцијалот за кружност на производот или неговите елементи; ергономија; рационални трошоци за производство и транспорт; иновативна употреба на локално достапни материјали; имплементација на локални знаења и техники; еколошки производствен процес, иновативна употреба на рециклирани материјали; релевантност за локалните/глобалните еколошки и социјалните предизвици.
Реномираното меѓународно жири го сочинуваат Марва Грифин, основач и куратор на платформата за таленти Salone Satellite на Меѓународниот саем за мебел во Милано, индустриската дизајнерка Хенриет Вол, професорка на Академијата за дизајн во Ајндховен и директорка за експериментални истражувања во Atelier Luma во Арл; индустрискиот дизајнер Никола Радељковиќ од колективот Numen/For Use; едукаторот Јелена Матиќ, дизајнерка на мебел и професорка на Шумарскиот факултет на Универзитетот во Белград, како и Маја Лалиќ, архитект и основач на здружението Миксер.
Интегралниот текст на конкурсот е достапен на ybd.mikser.rs/call
Апликантите можат да ги пријават своите проекти по електронски пат до 27 септември 2023 година во 23:59 часот на линкот: ybd.mikser.rs/form
Победниците ќе бидат прогласени на 2 октомври на веб-страницата ybd.mikser.rs .