За прв пат во земјата, Фондот за иновации и технолошки развој започнува еден поинаков предизвик, насловен како „Стартап херои“ , прв проект кој се спроведува во рамките на Програмата за корпоративна иновативност. Предизвикот се реализира во соработка со Тинекс, а поддржан е од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и Фактор траст -финансиско друштво за факторинг.
„Стартап херои“ е вистинска можност за малите стартап претпријатија кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, преку предизвикот, да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба во маркетите на Тинекс. Сите наградени производи ќе се најдат на посебно обележани полици, на однапред дефинирани продажни локации на Тинекс и ќе добијат соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција на производите. Соработката подразбира и вклучување на производите во интегрирана дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети.
“Ги охрабрувам сите млади претприемачи кои веруваат дека нивниот производ заслужува вистинска шанса и комерцијален пласман, да аплицираат на предизвикот. Сигурен сум дека, ние како земја, имаме извондредни домашни производи, кои можат да се најдат на полиците низ маркетите, а сепак да ја задржат својата уникатност и препознатливост. Токму на овие креативци, заедно со нашите партнери Тинекс, Фактор траст и ИМЕ ќе им ја обезбедиме неопходната финансиска и техничка поддршка, ќе им го олесниме пристапот до нови купувачи и нови пазари и ќе им понудиме решенија за нивните комерцијални предизвици. Горди сме што за само 2 месеци од објавување на програмата за корпоративна иновативност, веќе го имаме првиот корпоративен партнер. Во оваа прилика сакам да ги повикам и останатите компании да ни се приклучат и заеднички да ја трансформираме македонската стартап заедница“, изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Буџетот предвиден за овој предизвик изнесува 7 милиони денари од кои ФИТР обезбедува шест, а ИМЕ еден милион денари, со максимален износ по апликација од 600,000 денари. Дел од производите за кои компаниите ќе можат да побараат финансиска поддршка се: кондиторски производи, органска и здрава храна, алкохолни и безалкохолни (макс. 15%аlc.), основни прехрамбени продукти, конзервирани производи, козметички производи и итн.