Мистичните и спиритуални графички елементи стануваат сé попопуларни во светот на дизајнот, а кон тоа се приклучува и луксузниот француски моден бренд Dior.
За својата нова колекција за сезоната пролет/лето 2021, Dior се одлучи да влече инспирација од зодијачките знаци и Тарот картите, пред сé од една специфична колекција на Тарот карти од 15 век од Милано, Италија (наречена колекција “Visconti-Sforza”).
Модната колекција беше претставена пред публиката за време на Неделата на висока мода во Париз и вклучува различни наметки, фустани, панталони и други модни елементи, создадени од луксузни ткаенини и интригантни рачно изработени везови.
Според креативната директорка на Dior, Марија Граџија Чиури, нејзината фасцинираност со Тарот картите и верувањата поврзани со нив, дека можат да понудат јасност и увид во непознатото, беа одличен мотив за создавање колекција во едни неисгурни времиња какви што живееме со пандемијата на Ковид-19.
Чиури исто така посочи дека и самиот основач на компанијата, Кристијан Диор, се служел со Тарот карти во свое време.
Со лансирањето на колекцијате беше објавен и 15-минутен филм, насловен „Замок на Тарот“ (Le Château du Tarot) и режиран од страна на Матео Героне, во кој една девојка тргнува на авантура за себеспознавање. Таа најпрвин бара помош од читач на Тарот карти, а потоа посетува магичен замок каде што „во живо“ се запознава со ликовите насликани на Тарот картите.