Австриската банкарска групација Erste Bank ја објави својата нова празнична кампања, насловена “Believe In Christmas” („Верувајте во Божиќ“).
Во централниот спот на кампањата гледаме мистериозен човек кој си поставува задача да ги расипе празниците на жителите на едно мало гратче. Во текот на ноќта, злобниот лик ја саботира електричната енергија и резервоарите за гориво на автомобилите. Поради неговите дејства, луѓето во гратчето се соочуваат со енергетска криза.
Меѓутоа, одлучни да не дозволат еден мизерен човек да им го уништи Божиќ, жителите се собираат на централниот плоштад, со свеќи и подароци, со цел да го подигнат празничниот дух и да го прослават нивното заедништво.
„Овогодинешната реклама се однесува на сите нас и на многуте предизвици со кои се соочуваме како општество во моментов. Во време на потреба, силните заедници се оние во кои луѓето си помагаат едни на други. Тоа е она што сакаме да го покажеме во #BelieveInChristmas. Да се зближиме – тоа е она што всушност значи Божиќ“ – објаснува Марио Стадлер, директор за комуникации и управување со брендот во Erste Group.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција Jung von Matt Donau.