Божиќната празнична сезона претставува можеби најзначајниот дел од годината за британските огласувачи, а меѓу мноштвото на брендови, јавноста секогаш посветувала големо внимание на кампањите лансирани од стоковните куќи John Lewis.
Овој огласувач секогаш се стремел кон објавување на длабоко емотивни кампањи кои ја поттикнуваат човечноста во секој еден гледач. Меѓутоа, за разлика од минатите години кога брендот испраќал емотивни пораки спакувани во форма на видеоспотови со многу анимација и специјални ефекти, оваа година гледаме чиста човечка емоција.
Во новиот Божиќен спот на John Lewis, насловен „Почетникот“, се запознаваме со возрасен маж кој со голема посветеност се обидува да научи да вози скејтборд, балансирајќи помеѓу неговата секојдневна работа и Божиќното украсување на домот со неговата сопруга. Но, зошто човекот одлучил дури сега, на таа возраст, да учи да вози скејтборд?
Одговорот го дознаваме на крајот од рекламата, кога на предната врата од семејната куќа се појавува претставник на британските социјални служби кои на парот им носат младо девојче со скејтборд. Всушност, возрасниот маж едноставно сакал да се подготви за омиленото хоби на неговата новопосвоена ќерка.
Рекламата завршува со текстуално објаснување кое нé известува дека 108.000 деца моментално живеат во системот за згрижување на Обединетото Кралство. Притоа, брендот John Lewis во партнерство со организациите “Action for Children” и “Who Cares? Scotland” реализира долгорочен проект со кој ја поддржува иднината на млади луѓе кои што се нашле во системот за згрижување.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Adam & Eve/DDB.