Во својата прва работна задача за британскиот авиопревозник British Airways, креативната агенција Uncommon создаде неколкумесечна кампања која вклучува околу 500 уникатни печатени, дигитални и outdoor реклaми, како и над 30 различни кратки видеоспотови.
Кампањата насловена “A British Original” („Британски оригинал“) ги истражува мноштвото причини поради кои луѓето патуваат – дали повторно да се поврзат со саканите, да одвојат малку време за себе или да се нурнат во некоја различна култура.
Кампањата се одликува со серија на уникатни еднократни билборди кои се фокусираат на прашањето со кое честопати се среќаваат патниците: која е целта на вашата посета? Но, наместо некој стандарден и досаден одговор, минималистичките билбордите ги истакнува духовитите, искрени и емоционални причини за патување.
Видео-рекламите, пак, ќе бидат прикажувани на телевизија, во кино сали, на дигитални out-of-home дисплеи низ британските градови и секако на популарните онлајн платформи.
Покрај агенцијата Uncommon која беше задолжена за креативниот дел, во реализацијата на кампањата учествува и агенцијата MG задолжена за медиското планирање и закуп.
Во продолжение следува плејлиста со 17 досега објавени видео спотови од новата кампања на British Airways.