Ирскиот бренд на пиво Guinness лансираше нова кампања за американскиот пазар, доловувајќи како нивниот производ ги обединува луѓето во секоја од 50-те сојузни американски држави.
Насловена како “A Lovely Day” („Прекрасен ден“, алудирајќи на ретро рекламите „Прекрасен ден за Guinness“ од 1930-те и 1950-те), кампањата слави 50 локални заедници ширум Соединетите Американски Држави, вклучувајќи дувачки оркестар од Њу Орлеанс, риболовци од Минесота, рагби тим од Њу Мексико и група водоводџии од Чикаго.
„Запознавме вистински луѓе и бевме сведоци на вистински моменти. Сè што направивме е да донесеме Guinness и да ги оставиме камерите вклучени. Кампањата е освежувачки потсетник дека најмногу напредуваме кога се здружуваме како заедници. Затоа што во основата, прекрасниот ден не зависи од тоа што пиете, туку од луѓето околу вас, заедничките моменти и страстите што нè обединуваат“ – Џојс Хе, потпретседателка на брендот Guinness.
Во текот на годината, Guinness ќе објавува и дополнителни содржини кои подетално ги истражуваат различните локални приказни, преку нови видеоспотови, билборди и дигитални реклами.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Uncommon Creative Studio.