Во последните години многу малку се зборува за Генерацијата X. Современиот културен дискурс повеќе се фокусира на „Бејби бумерите“ од една страна и на Милениумците и Генерацијата Z од друга страна. Се чини дека Генерацијата X е некако „заглавена“ во средината и тивка во однос на сé што се случува.
Но, стриминг сервисот за музика Spotify не ја заборава Генрацијата X. Всушност, во својата најнова британска кампања, Spotify се фокусира токму на луѓето кои биле тинејџери во 80-те и 90-те години на минатиот век. Кампањата, насловена „Слушајте како порано“ (“Listen Like You Used To”), создадена од лондонската агенција Who Wot Why, го истакнува контрастот помеѓу начинот на кој луѓето кои денес се во петтата и шестата деценија од својот живот уживале во музиката додека биле млади и нивните сегашни монотони животи.
„Она што го сакаме кај Spotify е дека ја разбираат уметноста на добриот, силен копирајтинг со провокативна тема. Насловите од кампањата отскокнуваат од билбордите и ве удираат директно помеѓу очите,“ истакнува Шон Томпсон, основач и креативен стратегиски партнер на Who Wot Why.
Директорот за маркетинг на Spotify за Британија, Олга Пузанова, по повод новата кампања изјави: „Хемијата што ја имаме со Who Wot Why беше инстантна. Тие го разбираат нашиот бренд и тонот на нашиот глас. Исто како и нас, тие се страсни во употребата на креативното раскажуавње за создавање и обликување на вистински човечки конекции.“
Од брендот истакнуваат дека според нивните истражувања, музичките преференци на луѓето во нивните тинејџерски години всушност го одредуваат нивниот музички вкус во зрелоста. Со оваа кампања, Spotify се надева дека ќе го распламти внатрешниот жар на Генерацијата X.