Светскиот бренд за спортска опрема Nike ја лансираше својата нова инспиративна видео реклама насловена “Never Too Far Down”, во која спортот се користи како парадигма за соочување со предизвците и нивно надминување.
Рекламата започнува со снимки кои прикажуваат познати спортски ѕвезди како ЛеБрон Џејмс, Серена Вилијамс, Тајгер Вудс и Кристијано Роналдо, во незавидни моменти на очекуван пораз. Меѓутоа, преку истрајност и упорност тие успеваат да се изборат и на крајот да стигнат до посакуваната победа.
Наратор на рекламата е самиот ЛеБрон, кој истакнува дека: „Сите сме биле потценети и отпишани. Во тие моменти се чини како сé да е готово. Но, тогаш кога не ни е дадена никаква шанса, успеваме некако да ја извлечеме последната тронка сила и да продолжиме да се бориме. Сме се вратиле од невозможното, од скршеното. Сме нашле начин кога се чинеше безнадежно. Сме се вратиле кога требаше да бидеме долго заборавени.“
Рекламата, создадена од агенцијата Wieden+Kennedy, е дел од пошироката кампања “You Can’t Stop Sport”, чија цел е да ги мотивира луѓето за време на пандемијата, потсетувајќи ги дека истрајноста вродува со плод.