Рудникот за олово и цинк САСА, преку својата Фондација за поддршка на одржливиот развој се обврза да обезбеди стипендии за осум студенти запишани на прва година во учебната 2021/2022 година на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Пет стипендии ќе бидат доделени на студенти по рударство, две стипендии на студенти на насоката геологија и една за студиите во областа на заштитата на животната средина.
Дополнително, оваа година САСА се обврза да обезбеди и четири стипендии за постдипломски студии на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на студиските програми за хидротехника и геотехничко инженерство. Студентите секој семестар ќе добиваат по 350 долари, а постдипломците по 470 долари во денарска противвредност.
Исто така, САСА ќе продолжи да обезбедува поддршка и за веќе одобрените стипендии за студенти, издвојувајќи повеќе од 10.000 долари годишно за оваа намена.
„Со големо задоволство продолжуваме да ги поддржуваме студентите кои го усовршуваат своето образование и знаење во области кои се релевантни за нашите операции во САСА. Веруваме дека овие стипендии ќе ги поддржат и мотивираат младите луѓе да се стремат кон најдобрите академски достигнувања во избраните области. Oд вработените во САСА, 99% се македонски граѓани, а 90% од нив се од Македонска Каменица. Сакаме да сториме се што можеме за да им помогнеме на младите македонски граѓани да ги развијат своите вештини, со тоа што ние во САСА, како и во другите локални бизниси, ќе им обезбедиме можности за нивно вработување и развој на нивната кариера на долг рок“, изјави генералниот директор на САСА, Скот Јеланд.
Информациите и критериумите за добивање стипендии од САСА се објавени на интернет страницата на САСА (sasa.com.mk). Пријавувањето за добивање стипендија може да се направи до 5. октомври 2021 година. При разгледувањето на пристигнатите пријави, САСА ќе им даде посебен фокус на младите луѓе од Македонска Каменица и околните места, како и на оние од социјално ранливите семејства.
Покрај финансиската поддршка во текот на студирањето, САСА ќе им овозможи на своите стипендисти одблизу да се запознаат и да стекнат првично искуство за тоа како функционира еден современ рудник. Оние кои ќе покажат најдобри резултати во текот на студирањето ќе добијат дополнителни поени при аплицирање за вработување во САСА.
Сите заинтересирани кандидати за овие стипендии своите пријави можат да ги достават по електронска пошта на contact@sasa-foundation.com или да добијат дополнителни информации на телефонскиот број 033 279 225.