Компанијата Гугл ги ажурираше новите услови за користење на услугите, со цел луѓето точно да знаат со што се согласуваат кога ги користат нивните онлајн услуги
Новата верзија на условите, која ќе стапи на сила на 31 март, е напишана на поедноставен јазик, но сепак ќе биде прилично сеопфатен документ и тоа за 2.000 зборови подолг од сегашниот.
Ова ќе бидат најголемите промени на договорот за општите услови за користење од 2012 година. Во текот на изминатите неколку години, Гугл повеќе пати ја ажурираше својата политика и ги менуваше правилата за тоа што е и што не е дозволено на неговите страници, бидејќи технолошката индустрија стана се` почесто предмет на испитување низ цела Европа и САД
Гугл, Фејсбук, Твитер и други дигитални компании беа во центарот на вниманието кога регулаторите и клиентите почнаа да прашуваат што точно тие компании знаат за своите корисници и што прават со тие информации.
Минатата година, Фејсбук ги смени условите на користење на своите услуги за да појасни како заработува пари од податоците на корисниците.
Гугл соопшти дека не променил ништо значајно во документот, но користел едноставен јазик за да опише кој може да ги користи неговите производи и што може да се објави онлајн.
„Во принцип, ние ви даваме дозвола да ги користите нашите услуги доколку се согласувате со овие услови, кои опишуваат како функционира бизнисот на Google и како заработуваме пари“, се наведува во документот.
Ажурираната верзија содржи околу 2.000 зборови повеќе, делумно затоа што има многу дефиниции и ги вклучува и Google Drive и пребарувачот Chrome.
Политиката за приватност е одвоена и значително е променета во 2018 година, откако во ЕУ се применуваат сеопфатни закони за приватност.
Компанијата, исто така, одделно ја ажурираше и страницата „За Гугл“ за да објасни како заработува од продажбата на реклами, честопати користејќи ги информациите што ги собира од корисниците.
Гугл соопшти дека и поради излезот на Велика Британија од ЕУ, провајдерот за британските корисници ќе се пресели од Ирска во САД. Сепак, тврдат од компанијата, тоа нема да влијае на начинот на заштита или користење на податоците на корисниците во Британија.