Во Македонија и низ Европа периодов се засилува дебатата за тоа дали веб агрегаторите, пребарувачот Гугл и социјалните мрежи како Фејсбук треба да плаќаат авторски права за содржините кои ги преземаат.
Познавачите на медиумските прилики велат дека е недозволива ситуација определени сервиси да заработуваат на “туѓа мака“, односно за без пари да добиваат контент за кој медиумите инвестираат сериозни средства за да го произведат.
Директори на 18 европски новински агенции, деновиве потпишаа иницијатива за промена на законите за авторски права, со цел Фејсбук и Гугл да се обврзат за плаќање на дел од приходите на новински агенции чија содржина сега се користи бесплатно.
На 12 септември, Европскиот парламент треба да гласа за ова барање, односно да се почитува правото на издавачите, вклучувајќи ги и новинските агенции, интернет пребарувачите да им платат за содржината што ја користат.
Според текстот на иницијативата, која беше формулирана од страна на Френс прес, насловена како „Иднината на слободниот печат е во рацете на членовите на ЕУ”, се вели дека во ЕП во Стразбур за девет дена, ќе се гласа за Нацрт-закон кој ќе придонесе да се исправи нерамнотежата кога станува збор дека „интернет моќниците” практично крадат содржина од печатените медиуми и новинските агенции за да генерираат приходи од реклами.
Според европските новински агенции, Фејсбук и Гугл бесплатно користат огромна количина вести и прилози од печатените медиуми и агенциите и на таа содржина привлекуваат повеќе реклами.
Тие добиваат толку многу од рекламниот колач, што воспоставуваат монопол, остварувајќи 80 проценти од приходите од реклами на интернет во 2017 година, со исклучок на Кина.
Според предложената измена на законот, тие ќе треба да делат еден дел од приходот со авторите на содржината.
Во иницијативата на новинските агенции, се укажува на фактот дека постоечкиот закон датира од времето кога Гугл, Фејсбук, Јутјуб и паметните телефони не постоеле.
Како што се наведува, печатените медиуми и агенциите инвестираат големи пари во продукција на вести и во нивните новинари, а понекогаш и со висок ризик, преземаат потфати со цел да добијат сеопфатен и прецизен извештај. Тие треба да издвојат значителни средства и за работењето онлајн.
Продажбта на весници се намалува, а плодовите од нивниот труд ги берат “големите играчи” бесплатно. Резултатот од ова е осиромашување на целата индустрија и драстичен пад на приходите од реклами во печатените медиуми.
Однесувањето на големите интернет играчи претставува закана и за потрошувачите и за демократијата, се вели во текстот.
“Фејсбук е во 2017 година пријави приходи од 40 милијарди долари, со профит од 16 милијарди долари, Google од 110 милијарди приходи, од кои 12,7 милијарди профит и кој може да каже дека тие не се во состојба навистина да плаќаат за содржината која ја користат“, се заклучува во текстот.
“Во интерес на слободата на медиумите во Европа и зачувување на демократските принципи, пратениците на Европскиот парламент треба да ја изгласаат оваа реформа”, порачуваат директорите на европските новински агенции.
Дебатата во Македонија главно засега е насочена кон веб агрегаторите кои и покрај тоа што не се медиуми, сепак се финансираат од медиските буџети на маркетинг агенциите и сеуште заземаат голем дел од вкупниот колач -па на тој начин влијаат да се намалат средствата кои би им овозможиле на веб издавачите кои инвестираат во вработени и продукција на содржини, дополнително да се развиваат.