Технолошкиот гигант Apple го објави својот нов краткометражен филм снимен целосно со помош на камерата на паметниот телефон iPhone 14 Pro, демонстрирајќи ги неговите извонредни кинематографски способности.
Дејството на филмот насловен “Huracán Ramírez vs. La Piñata Enchilada” се одвива во некое гратче во Мексико. Започнува со сцена во семејна продавница за пињати (хартиени фигури полни со слатки и бонбони), каде што еден постар човек му дава инструкции на својот внук-тинејџер да ги комплетира нарачките на денот. Кога момчето го заменува шеќерот за чили во прав, тој случајно создава демонска пињата на мисија да го тероризира градот.
Со цел спречување на опасноста, градските власти го ангажираат единствениот локален херој погоден за оваа работа: Хуракан Рамирез, одамна пензиониран лучадор, односно мексикански кечер. Рамирез и демонската пињата го имаат своето соочување во еден стар Ацтечки храм, каде пензионираниот кечер успева да го победи ѕверот – предизвикувајќи експлозија на бонбони од епски размери!
Кампањата “Shot on iPhone” („Снимено на ајфон“) се спроведува од 2015 година со помош на креативната агенција TBWA Media Arts Lab, продуцирајќи повеќе краткометражни филмови кои ги промовираат кинематографските квалитети на серијата паметни телефони на Apple.