Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions, кој ќе се одржи од 22 до 26 јуни 2026 година, објави повеќе новитети во врска со наградите, пред отворањето на конкурсот за пријавување во јануари.
Со оглед на тоа што пазарната креативност сè повеќе го обликува бизнисот и културата на глобално ниво, наградите следната година ќе продолжат да ја препознаваат пробивната креативност со воведувањето на новата категорија – „Creative Brand Lion“, како и со низа унапредувања во останатите категории на популарните „лавчиња“.
Во врска со новата наградна категорија „Creative Brand Lion“, извршниот директор на LIONS, Сајмон Кук, изјави: „Во изминатите 70 години ги препознаваме делата и креативните остварувања што создаваат побарувачка за брендовите ширум светот. Но во 2026 година го поставуваме прашањето поинаку: кои се предусловите што овозможуваат појавување на тие пробивни идеи? Оваа награда ќе ги препознае визионерските брендови што создаваат системи, култури и капацитети кои ја прават врвната креативна маркетинг-пракса неминовна и повторлива – и методите што го претвораат креативниот потенцијал во траен деловен успех“.
„Како што индустријата сè побрзо се развива, а економската неизвесност го насочува фокусот кон повратот од креативните инвестиции, потребно е да се насочи вниманието кон брендови и компании што ги развиваат капацитетите кои овозможуваат напредок на пазарната креативност. Ние постојано ги усовршуваме и прилагодуваме наградите за да го одразиме динамичниот пејзаж на индустријата и да им оддадеме признание на брендовите кои ги создаваат организациските темели што овозможуваат и одржуваат креативен маркетинг со вистинско значење – за иднината“ – објаснува Кук.
Пред отворањето на конкурсот за пријавување на Cannes Lions на 15 јануари 2026 година, вчера беа објавени и дополнителни промени во наградите. Категоријата „Creative Data Lion“ добива целосно освежување за да се одрази еволуцијата на улогата на податоците – од средство за информирање на креативните одлуки, до двигател на креативната стратегија уште од нејзиниот почеток. Пријавените проекти ќе треба да покажат како податоците биле суштински за основната идеја и за нејзиниот мерлив деловен ефект.
Воведувањето на поткатегории „AI Craft“ во рамките на категориите што ја нагласуваат изработката на комуникациски материјали, има за цел да им оддаде признание на оние проекти во кои човечката креативност и вештачката интелигенција се спојуваат за да создадат идеи што ниту едната, ниту другата не би можеле да ги постигнат самостојно. Фокусот ќе биде на вистинската умешност, уметничкиот пристап и свесната креативна намера, каде што вештачката интелигенција служи на идејата. А следејќи го развојот на малопродажните медиуми како најбрзорастечки комуникациски канал во 2025 година, воведени се и нови поткатегории во „Creative Strategy“ и „Creative Data Lions“, кои го одразуваат богатството на иновации во ова поле.
„Сведоци сме на еволуцијата на индустријата, во која податоците и технологијата играат клучна улога во начинот на кој креативноста се користи за решавање на деловни проблеми“ – изјави Маријан Бренели, глобална директорка за награди во LIONS. „Податоците станаа катализатор на креативноста, вештачката интелигенција ги проширува можностите, а малопродажните медиуми го преобликува начинот на кој брендовите се поврзуваат со потрошувачите. Овие промени покажуваат дека технологијата не само што ја поддржува креативноста, туку ни овозможува да освојуваме нови креативни хоризонти.“
Дополнителни информации за наградите Cannes Lions 2026, вклучувајќи ги датумите и пропозициите во врска со Стандардите за интегритет, може да се најдат на следниот ЛИНК.
Во други делови на фестивалот, повикот за содржини е веќе отворен, а апликациите се прифаќаат до 31 декември 2025 година. Предлозите се добредојдени од секого и од секаде, а сите апликации за предавања и говори треба да се поднесат преку посветениот портал за содржини. Повеќе информации може да се најдат ТУКА.
Влезниците за Cannes Lions 2026 се веќе достапни, а повеќе детали за различните видови и можности за учество се достапни на ОВОЈ ЛИНК.

















