Првото македонско здружение на инженери и архитекти одбележува 100 години од своето постоење.
По предлог на Асоцијацијата на здруженија на инженерите – Инженерска институција на Македонија, датумот 21. март стана дел од Програмата за обележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2020 година
Јубилејот, 100 години од основањето на македонско здружение на инженери и архитекти, се обележува под мотото „Еден век партнерство за одржлив развој“. По повод јубилејот беше промовирано и ново лого .
Следејќи ги целите на Обединетите нации, во логото на јубилејот се содржат знаците за одржлив развој и одговорна потрошувачка и производство, мотив за самата организација, која иако мала во светски рамки искажува карактер да се посвети на глобалните стремежи.
Во логото исто така се застапени црвената и црната боја од „Везилка“ на Блаже Конески, кои исто така се бои и на Инженерската институција на Македонија и во стилизирана форма го дефинираат знакот на бесконечноста, што претставува заложба за долгогодишно опстојување.