Неодамна беше најавено спојувањето на медиските компании Discovery и WarnerMedia, во чија сопственост е филмското студио Warner Bros, со цел ефективно формирање на втората најголема медиска компанија во светот.
Оваа недела пак, Discovery го објави името на нова глобална компанија за забавни содржини која ќе ги комбинира Warner Bros и Discovery, а ќе го носи неинвентивното име “Warner Bros. Discovery.”.
Од компанијата се надеваат дека ова име „ќе му оддава почит, ќе го слави и издигнува најпознатото креативно студио во светот“ (се мисли на Warner Bros), заедно со „високиот квалитет и глобално наследство за раскажување на нефикционални содржини“ на Discovery.
Истовремено беше објавено и првичното лого на новата компанија, која наиде на потсмев кај интернет публиката. Имено, според критиките, логото изгледа „аматерско“ и личи како нешто што ученици би го направиле во WordArt за потребите на некоја училишна презентација.
Логото е поставено на сина небесна позадина со бели облаци и проследено со слоганот “The stuff that dreams are made of” („Она од што се направени соништата“).
Меѓутоа, со оглед на тоа што знакот од страна на Discovery беше наречен „иницијално зборовно обележје“, се претпоставува дека не се работи за финална верзија и дека ќе биде преработено во блиска иднина.