(02.09.2020) – Организацијата на Обединетите нации лансираше нова кампања која има за цел да ја подигне јавната свест во однос на проблемот со загадувањето на воздухот и потребата од „возвраќање на ударот“ – како што е и насловена самата кампања (“Fight Back”).
Кампањата во суштина претставува серија од неколку кратки спотови кои ја следат Џорџија Мунро, британски паркур артист, како се обидува да избега од загадувањето на воздухот, симболично прикажано преку виолетов смог кој надвиснал над еден град.
„Можеш да трчаш, но не можеш да се скриеш“ – се истакнува во рекламата, давајќи им опција на гледачите да изберат како ќе заврши приказната. Според првата можност, Џорџија се одлучува да возврати и да се бори против загадувањето на воздухот, додека според другиот крај – таа станува жртва на виолетовиот смог.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Abbott Mead Vickers BBDO и продукциската куќа Grain Media.