Со завршувањето на деновите на жалост за покојната британска кралица Елизабета II, новиот крал Чарлс III го избра монограмот (т.н. шифра) кој симболички ќе го претставува неговото владеење.
Новата кралска шифра го содржи иницијалот „C“, за Charles (Чарлс), испреплетена со буквата „R“ за Rex, латински за крал. Римскиот број III се наоѓа внатре во втората буква, а британската круна стои на врвот на монограмот.
Симболот е дизајниран од т.н. „Колеџот за грбови“, составен од членови на кралското домаќинство, и го зазема местото на долгогодишниот симбол „E II R“ на кралицата Елизабета II (каде „R“ означува Regina т.е. кралица). Во употреба ќе биде и алтернативна верзија за територијата на Шкотска, во која на врвот од шифрата ќе стои шкотската круна.
Самиот Чарлс е долгогодишен покровител на бројни иницијативи за уметност и дизајн. Минатата година, како принц од Велс, тој ја основаше дизајнерската лабораторија Terra Carta со поранешниот шеф за дизајн на Apple, Џони Ајв, преку Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Кралот Чарлс беше назначен за кралски покровител на Националната галерија во Лондон во 2016 година,, каде тој претстави скоро 80 од неговите пејзажни слики во техника акварел за прв пат оваа година.
Монограмот на кралот Чарлс III првпат стапи во употреба во поштата во Бакингемската палата во вторникот. Постепено, тој ќе се најде на јавни згради, униформи, поштенски сандачиња и службен канцелариски материјал.
Новиот монарх исто така значи нови банкноти, монети и поштенски марки, кои што ќе треба да се редизајнираат.
Портретот на кралот Чарлс Трети кој треба да се најде на новите банкноти се очекува да биде откриен до крајот на оваа година, иако новиот дизајн се очекува да влезе во оптек дури во средината на 2024 година. Во меѓувреме, Кралската монетарница има намера да го разгледа новиот изглед на монетите од ерата на Чарлс во текот на следните недели.
Старите монети и банкноти на кралицата Елизабета Втора сè уште ќе важат и ќе се користат истовремено со парите кои ќе го носат ликот на нејзиниот син и наследник.
Што се однесува до поштенските марки на кралот Чарлс, Кралската пошта вели дека тие ќе влезат во оптек само кога ќе се намали моменталната достапност на поштенските марки на кралицата Елизабета.