Британскиот адвертајзинг магазин The Drum го објави годишниот извештај за најнаградуваните личности, компании и кампањи во огласувачката индустрија.
Таканаречените „Светски креативни рангирања“ (World Creative Rankings) се составуваат во текот на една година со внимателно анализирање на перформансите на илјадници креативни дела на 22 најзначајни креативни натпревари во индустријата, вклучувајќи ги Cannes Lions, Eurobest, Clio Awards и Golden Drum.
Групацијата WPP ја задржа својата круна како најнаградувана холдинг-компанија во светот на Светската креативна ранг-листа на The Drum, откако го зазема првото место веќе трета година по ред (2023, 2024 и 2025).
Притоа, агенциите во сопственост на WPP ги освоија првите две места на листата на најнаградувани Агенциски мрежи, така што Ogilvy беше на првото место, а VML на второто место. На третото место се најде McCann во сопственост на IPG, по што на четвртата позиција следува DDB на Omnicom.
За најнаградуван генерален креативен директор во светот беше прогласена Лиз Тејлор од Ogilvy, пред Деби Вандевен од VML US и Данило Бур од FCB Global. Тејлор раководела со спроведувањето на 6 кампањи кои влегоа во топ 100 најнаградувани кампањи во светот.
Агенцијата FCB New York продолжи со својот извонреден раст за да го заземе првото место како најнаградувана агенција во светот. Кампањата „DreamCaster“, која FCB New York ја реализираше за пивскиот бренд Michelob, беше најнаградуваната кампања за оваа година.
Сопственикот на Michelob, производителот на пиво AB InBev, го освои првото место како најнаградуван огласувач во светот веќе трета последователна година. На второто и третото место за оваа година се најдоа Unilever и Apple.
Подетален преглед на објавените ранг-листи и повеќе информации за нивната методологија се достапни на следниот ЛИНК.