Консултантската компанија за брендирање Interbrand ја објави својата годишна листa на Топ 100 најсилни брендови во светот, кои што ќе продолжат да растат и покрај наѕирачката економска несигурност.
Веќе десетта година по ред, првото место на листата успешно го задржа технолошкиот гигант Apple. Компанијата забележала годишен раст од 18% во вредноста на брендот, достигнувајќи 482 милијарди долари.
На второто место на листата се најде Microsoft, со вредност од 278,3 милијарди долари. Благодарение на растот од 32%, Microsoft успешно го претекна Amazon кој забележа раст од „само“ 10% и „падна“ на третото место со вредност од 275 милијарди долари.
На четвртото место на листата се наоѓа Google со вредност од 252 милијарди долари, додека на петтото место се најде првата неамериканска компанија на оваа листа – јужнокорејски Samsung, со вредност од 87,7 милијарди долари.
На шестата позиција се наоѓа јапонска Toyota со вредност од 59,8 милијарди долари, по што на седмата позиција следува американска Coca-Cola со вредност од 57,5 милијарди долари.
Осмата и деветтата позиција им припаѓаат на германскиот автопроизводител Mercedes-Benz и американската медиска компанија Disney, со вредност од 56,1 милијарди долари, односно 50,32 милијарди долари, соодветно.
Листата на Топ 10 најсилни светски брендови ја комплетира брендот за спортска опрема Nike кој со раст од 18% и вредност од 50,29 милијарди долари успеа да го истисне брендот за брза храна McDonald’s на единаесеттото место со вредност од 48,6 милијарди долари.
Целосната листа на Топ 100 најсилни брендови во светот според Interbrand може да се погледне на следниот линк.