Наградите Epica ја објавија листата на проекти кои влегоа во потесниот круг на натпреварот за 2024 година. Во изминатиот период, уникатното жири составено од уредници и новинари од целиот свет ги разгледа и евалуираше пријавените кампањи, нудејќи им вредна ПР изложеност на сите учесници.
„Со оглед на тоа што агенциите ги пријавуваат своите најдобри проекти, нивното влегување во потесниот избор е значајно достигнување. Честитки за сите вклучени. Исто така, изразуваме благодарност до сите агенции, продукциски куќи, студија и клиенти кои учествуваа“ – велат од Epica Awards.
Оваа година, 562 пријавени проекти влегоа во потесниот избор, а најмногу финалисти доаѓаат од Германија и Канада. Целосната листа на проекти во влегоа во потесниот избор е достапна за разгледување на следниот ЛИНК.
Меѓу финалистите се најде и еден проект од Македонија. Се работи за кампањата “Just Add Coca-Cola” за клиентот Coca-Cola, создадена од креативната агенција New Moment New Ideas од Скопје.
Финалистите ќе продолжат во следниот круг на жирирање, кој се одржува онлајн од 25 ноември до 1 декември. Во Париз ќе се одржи и сесија на жирирање во живо за доделување на главните Grand Prix награди.
Освојувачите на златна и Grand Prix награда ќе бидат претставени за време на специјалната онлајн церемонија закажана за 12 декември. Добитниците на сребрени и бронзени награди ќе бидат објавени на веб-страницата на Epica Awards следниот ден, на 13 декември.
Најголем број проекти вкупно оваа година биле пријавени од Германија (307), по што следуваат Канада (285) и Велика Британија (133). Во однос на агенциските мрежи, Publicis, VML и McCann биле особено добро застапени.
Од 1987 година, жирито на Epica Awards е исклучиво составено од уредници и новинари од водечки светски публикации кои ја покриваат креативноста и комуникациите. Тие се поддржани од новинари од специјализирани области како што се постпродукцијата, дизајнот, технологијата, автомобилизмот и модата. Целосната листа на членови на жирито може да се види на www.epica-awards.com