Тројцата главни интернационални говорници за „Креативните кружоци“ на Epica Awards, кои ќе се одржат во Амстердам на 15 ноември, се психологот д-р Кетрин Џенсон-Бојд, Гидо ван Ставерен ван Дијк од Moyee Coffee и Ентони Хехир од Програмата за подобрување на исхраната на DSM.
Говорниците ќе ја отворат конференцијата која претходи на централниот настан на Epica Awards, единствената меѓународна креативна награда која ја доделуваат новинари, кој оваа година се враќа во Амстердам. Конференцијата го носи насловот „Дали одговорноста ќе ја убие креативноста?“ и ќе се фокусира на општествената одговорност на брендовите. До кој степен се тие одговорни? Како тоа влијае врз нивните комуникации? Имајќи го во предвид сето ова, кога ја губите целосната приказна на брендот, а кога се работи за директен удар?
Потрошувачка психологија
Првиот говорник е д-р Кетрин Џенсон-Бојд, психолог на Универзитетот Anglia Ruskin во Кембриџ. Нејзините истражувања се фокусирани на допирот, мултисетилната перцепција и одржливото потрошување. Има напишано две книги за потрошувачката психологија и претходно има работено со организации како Unilever, Skanska, Pepsi, SSL и Советот на округот Cambridgeshire. Синопсис на нејзиното предавање: Во свет во кој политичката коректност е неопходна, креативата треба да осигура дека маркетиншките пораки се ефективни. Понекогаш можеби е примамливо да се направи нешто „остро“ со цел да се привлече вниманието на потрошувачите. Меѓутоа, ако маркетиншката порака е прифатена негативно, тогаш тоа ќе остане запаметено од страна на потрошувачот и ќе биде поврзувано со тој бренд. Ова предавање ќе се фокусира на други начини како да се биде креативен во маркетингот, базирани врз психолошки основи, како што е употребата на различни сетилни перцепции и групни идентитети.
Четири милијарди луѓе
Вториот говорник, Ентони Хехир, е директор на Програмата за подобрување на исхраната на DSM, чија мисија е позитивно да влијае врз јавното здравје преку развојот и имплементацијата на ефективни нутриционистички решенија и искористување на сопствените експертизи и партнерства со цел да се допре до четирите милијарди луѓе на дното од пирамидата. Пред DSM, Хехир работел како кличнички нутриционист во руралните предели на Јужна Африка, развивајќи интегрирана нутриционистичка програма за групи во ризик, надгледувајќи ја и нутритивната поддршка за пациентите од Националната програма за заболени од ХИВ. За време на своето предавање, Ентони Хехир ќе се осврне врз предизвиците со кои се соочуваат корпоративните организации кои кредибилно и креативно го балансираат триаголникот: луѓе – планета – профит.
Каде се парите?
Третиот и последен говорник, Гидо ван Ставерен ван Дијк од Moyee Coffee, е основач на веб-сајтот tradingcars.com, преку кој успеал да собере милиони за финансирање, кога имал 29 години. Потоа следувале и други компании со различен успех. После еден бизнис неуспех, кога неговата фабрика за производство на прозорци од 5000 квадратни метри во Источна Европа изгорела во пожар, тој се одлучил да направи револуција во индустријата за кафе и ја основал првата FairChain компанија за кафе во светот: Moyee Coffee.
„Случајно наидов на веб-сајт со бројки за индустријата за кафе. Бев вчудоневиден: како е можно цената на кафето да има пораснато за 200% во изминатите десет години, а откупната цена за производителите постојано да паѓа? Каде се парите? Ако Nestle и Џорџ Клуни прават пари од кафе, тогаш можеме и јас и моите етиописки партнери,“ истакнува Гидо во една реклама за Moyee Coffee.
Манифест
Остатокот од денот ќе биде посветен на тркалезни маси поврзани со темата „Дали одговорноста ќе ја убие креативноста?“. Маркетинг директори, креативци, новинари, агенциски директори, инфлуенсери и научници – сите заедно ќе дискутираат за природата на заедничките одговорности во креативната индустрија. Заклучоците од овие дискусии ќе бидат собрани во манифест кој потоа ќе биде споделен со светската јавност.