Закупот на огласувачки простор во хрватските медиуми во 2017 година е намален за 1,7% во однос на претходната, но затоа првиот квартал од 2018 бележи пораст на нивото на инвестициите.
Хрватското здружение на компаниите за деловни комуникации (ХУРА) на настанот “Денови на комуникациите“ кој се одржа во Ровињ, го објави AdEx извештајот за 2017 година.
HURA AdEx (Advertising Expenditure) се однесува на потрошувачката во закупот на медиски простор во примарни комуникациски канали и проценка на вложување во огласување кај главните ТВ станици, поголемите издавачи на принт медиуми и нивните интернет изданија, радио, надворешно огласување и вкупно вложување и огласување на интернет.
Според проценките на HURA, во 2017 година, огласувачите во Хрватска вкупно инвестирале 1,473,000,000 куни или 198,686,975 евра во примарните комуникациски канали за огласување.
Овој износ е за 1,4% помал во споредба со минатата година, а најголема причина е кризата со регионалниот концерн Агрокор која според проценките влијаеше со 8-9% во вкупниот пазар на закуп на реклами кај медиумите.
Порастот кој е забележан во 2017 година се однесува на инвестициите во онлајн медиуми. Проценките се дека огласувањето во онлајн сега изнесува околу 17% од вкупните инвестиции во медиумите. Тој удел веројатно е и поголем, но е исклучително тешко да се процени со оглед на тоа дека податоците од огласувањето во пребарувачот Google и другите социјални медиуми не се достапни и во голем дел не се остваруваат преку традиционалните агенции.
Со порастот на онлајн огласувањето, продолжува трендот на пад на огласувањето во принт. Меѓутоа оваа година е забележително дека принт издавачите ја имаат препознаено промената на читателите во конзумирањето на содржина, па своите инвестиции ги имаат насочено кон дистрибуцијата на содржините преку сопствените интернет портали. Инвестициите во надворешното огласување се стабилни, пред се заради самата природа на широк опсег на публика, но и појавата на нови огласни површини кои нудат видео формат на огласи преку површини во трговски центри и пешачки зони.
Повеќе информации околу хрватскиот AdEx можете да прочитате на следниов ЛИНК.