Cannes Lions го објави потесниот избор на кампањи за наградните категории “Glass: The Lion for Change“, “Innovation Lions” и “Titanium Lions“. Кампањите кои се најдоа во овој потесен избор ќе бидат јавно презентирани пред публиката и соодветните стручни жири-комсии од 17 до 19 јуни.
Овој формат на јавно жирирање овозможува интерактивен форум во рамки на процесот на оценување. Членовите на жири-комисиите се охрабрени активно да комуницираат со презентирачите и да поставуваат прашања со цел подобро да ги разберат „фините“ детали за кампањата. Од друга страна, публиката добива увид од прва рака во процесот на жирирање и добива можност да се запознае со тоа што точно жири-комисиите бараат кога доделуваат „лавчиња“, истовремено откривајќи нови иновации и креативни дела од целиот свет.
„Ние сме среќни што ги објавуваме првите потесни избори на кампањи кои го претставуваат најдоброто во областа на креативноста од целиот свет во овие три високо-компетитивни категории. Јавното жирирање ќе им овозможи на поголем број учесници на Cannes Lions да добијат увид и да научат како изледа креативната извонредност,“ изјави Симон Кук, менаџинг-директор на Cannes Lions.
Потесниот избор во категоријата “Innovations Lions” се состои од 25 кампањи од 16 различни држави, и тоа: Тајланд, Кина, Канада, Данска, Шведска, Аргентина, Филипини, Белгија, Австралија, Мексико, Русија, Обединетото Кралство, Бразил, Израел, Германија и САД. Презентацијата на кампањите ќе се одржи од 17 до 19 јуни, а победниците ќе бидат објавени на 20 јуни.
„Овогодинешниот потесен избор на кампањи во “Innovation Lions” е возбудлива суштина на креативна извонредност и среќен сум што гледам кампањи кој доаѓаат од разни земји ширум светот. Секој тим чија кампања е дел од потесниот избор треба да биде горд што стигнаа до ова ниво. Жирито со нетрпение очекува да ги проследи сите презентации за време на јавното жирирање на сцената на Cannes Lions. Сцената е Ваша, а не наша“ – истакна Бил Јом, глобален креативен директор на Cheil Worldwide и претседател на жирито во категоријата “Innovations Lions“.
Кампањите од потесниот избор во оваа категорија може да се погледнат тука.
Потесниот избор на кампањи во категоријата “Glass: The Lion for Change” е составен од 23 пријавени кампањи кои доаѓаат од 12 држави: Бразил, Канада, Данска, Франција, Германија, Исланд, Индија, Полска, Шведска, Холандија, Обединетото Кралство и САД. Јавната презентација ќе се одржи на 18 и 19 јуни, а победниците ќе бидат прогласени за време на главната наградна церемонија на 21 јуни.
„Овогодинешните најдобри кампањи се комбинација на моќни приказни и генијални медиумско-растегливи идеи, сите насочени кон надминување на предизвикувачките норми. Мислам дека со нетрпение очекуваме да влеземе во собата за жирирање, да научиме нешто повеќе за кампањите и секако да дискутираме“ – нагласи Џејми Робинсон, генерален креативен директор на Joan Creative и претседател на жирито за категоријата “Glass: The Lion for Change“.
Листата на кампањи од потесниот избор во категоријата “Glass: The Lion for Change” може да се погледне на следниот линк.
Жирито за категоријата “Titanium Lions” избра 20 кампањи кои ќе бидат јавно презентирани на овогодишното издание на фестивалот. Кампањите доаѓаат од 9 држави: Колумбија, Франција, Полска, Шпанија, Израел, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство и САД. Презентациите ќе се одржат на 18 и 19 јуни, а наградите ќе бидат доделени на 21 јуни.
„Ден Вајден ја предложи категоријата “Titanium Lions” во 2003 година. Неговата оригинална замисла беше да се наградуваат оние кампањи кои гледаат толку напред, што беше тешко да се вклопат во било која друга конвенционална категорија. Тоа се кампањи кои на индустријата и’ покажуваат нови насоки. Нашето жири направи потесен избор кој веруваме дека се придржува кон оригиналната идеја на Ден. Ние сме возбудени, веруваме дека и Вие сте исто така,“ изјави Давид Лубарс, глобален генерален креативен директор на BBDO, претседател на жирито во категоријата “Titanium Lions“.
Кампањите од потесниот избор на кампањи во “Titanium Lions” може да се погледнат тука.
Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions се одржува од 17 до 21 јуни 2019 година. За повеќе информации посетете го официјалниот веб-сајт www.canneslions.com.