Во секојдневното живеење, имагинацијата е неизоставен дел кој нѐ тера да ги согледуваме нештата од поинаква перспектива. Оваа перспектива ни помага при полесно рационализирање и опуштање на стегите. Да ја движиш имагинацијата во правилни правци е умствена вежба.
Ако ги тргнеме на страна секојдневните случувања, и се осврнеме кон потребата од имагинативност на професионално поле, за еден account manager е од есенцијално значење да се распространи истата кон целите во маркетинг сферата. Овде, нашиот ум креира сложувалка која само имагинацијата може да ја спои во целосно совршенство.
Маркетингот се дефинира како процес на брзо проценување и размисла како да се продаде еден производ или компанија за крајна цел на взаемно задоволство на клиентот и потрошувачот. Она што е скриено во дефиницијата, е токму имагинацијата на размислата. Без неа, “продажбата” не го доспева високиот критериум на обострано задоволство.
Имагинацијата ја потковува секоја одлука во маркетинг сферата, па нѐ доведува до судир на креативноста со клишеата. Сите знаеме дека е важно да ги избегнуваш клишеата, иако се неминовни и распространети насекаде, и нивен најдобар лек е безграничната идеја што ги сплотува двата света (клиентот и потрошувачот).
Независно дали зборуваме за креирање на кампања, поставување на цели во социјалните медиуми, герила активности, организирање настан… имагинацијата функционира како пинг понг топче кое се разменува од десната хемисфера на мозокот до левата, сѐ додека не се преточи во идеја која конечно ќе ја надвладее и побие логиката на стереотипното размислување. Оваа идеја ќе создаде баланс, јин и јанг на потребата со замислата и ќе создаде пример на когнитивно, креативно решение за кое ќе се зборува.
Вистинското задоволство на account manager-ите, вклучувајќи ме и мене, е да се изнесат на виделина идеите кои неколку дена се “бореле” со логика и стереотип.
Претставено од овој аспект, тоа значи бодрење на здравиот разум испреплетен со движечката сила на уметноста. Да ја видиш герила активноста и да помислиш “ова е мое дело”, да го прочиташ интервјуто на клиентот и да знаеш дека во целост си ја пренел приказната до пошироката јавност, да бидеш дел од настанот на кој сите си поминуваат убаво и да добиваш честитки за истиот, да ги прочиташ коментарите на социјалните медиуми и да согледаш дека позитивниот ефект кај публиката значи уште поголема позитива за тебе. Да ја доживееш “храната” на креативноста и да сфатиш дека невозможното е на само мал чекор до нас, кога веруваме во значењето на имагинацијата и ја знаеме тајната за нејзино обликување до посакуваната цел.
Автор: Марија Димовска, account manager во Идеа Лаб (www.idealab.mk)